I think most believers will feel that God can and has been shown to exist, at least to their satisfaction. Кјеркегор кој не е кул: I Главното прашање (во реалностите на животот)

26.12.05

I Главното прашање (во реалностите на животот)

Помодноста по Сорен Кјеркегор [1] од минатите неколку години стивнува, или барем покажува први знаци на замор. Се надевам дека тој меур на популарностa набрзо ќе пукне. Кјеркегор на оваа мода ви е другар-интелектуален истомисленик, истакнат во друштвото на интелигентните главно по тоа што живеел еден век порано. Но тој Кјеркегор на психолозите, егзистенцијалистите и преорганизираните бивши марксисти тешко да има било која заедничка црта со вистинскиот Кјеркегор, кој не водел нималку грижа за психологија и дијалектика (освен за да ги покаже како несоодветни и неважни), а бил пред сé загрижен за религиското искуство. Токму овој, вистинскиот Кјеркегор, е достапен, разбирлив, и има смисла во денешниот свет на болни превирања. Ние немаме ни светци ни поети кои ќе ги поврзуват искинатите черги на нашите искуства; во Кјеркегор барем имаме пророк.

Како и сите религиски мислители, Кјеркегор во центар го поставува прашањето „Како е возможна човечката егзистенција? Кои услови и елементи се потребни за нејзино постоење и истрајување?“ Низ целиот 19-ти век ова прашање - кое претходно се наоѓало во центарот на западната мисла – не само што станало многу непопуларно, туку и се чинело бесмислено и неважно. Наместо него, преовладувало едно сосема поинакво прашање: „Како е општеството возможно?“ Жан-Жак Русо (Rousseau) го поставувал тоа прашање, Хегел (Hegel) го поставувал тоа прашање, класичните економисти исто. Маркс (Marx) го одговорил на еден начин, либералните протестанти [
2] на друг. Но во која и да форма се постави, тоа прашање секогаш мора да води до одговор кој одбива да признае дека човечката егзистенција е возможна надвор од општество.

Русо го формулирал овој одговор за целата Ера на Прогресот: Што и да ја сочинува човечката егзистенција, кои и да слободи, права и одговорности има поединецот, кои и да значења има во приватниот живот - сé е одредено преку/од општеството, во согласност со објективната потреба на опстанок на општеството. Поединецот, со други зборови, нема автономија. Поединецот е одреден од општеството. Тој е слободен единствено во проблемите кои и не се вистински проблеми, во работите кои не се работи, бидејќи не се важни. Тој има права единствено затоа што општеството му ги дозволува. Неговиот живот има смисла само до граница до која таа смисла е врзана за смислата на општеството, и ако себеси се остварува остварувајќи ја притоа и објективната цел на општеството. Накратко, човечка егзистенција не постои. Постои само општествена егзистенција. Нема поединечно човечко суштество, има само жител и граѓанин.

Скоро е неможно да се преувеличаат разликите помеѓу Русоовата Општа воља, Хегеловиот концепт на историја како развој на идеи, и Марксовата теорија на одреденост на поединецот преку неговата објективно зададена класна ситуација. Но сите тие даваат ист одговор на прашањето на човековата егзистенција:

Таква работа не постои. Такво прашање нема. Има идеи и граѓани, но не и човечки суштества. Сé што е возможно е остварување на идеи во - и преку - општеството.

Тој одговор делувал природно, бидејќи ако започнете со прашањето

„Како е општеството возможно?“

а да истовремено не се запрашате што ја чини возможна човечката егзистенција, вие неминовно доаѓате до негативен концепт на поединечната егзистенција и слобода. Тогаш личната слобода е она што не му пречи на општеството. Затоа слободата станува нешто што нема функција и нема автономна егзистенција. Таа станува среќна околност, удобност, средство на политичка стратегија, или мамец на демагозите. Таа лична слобода нема никаква виталност.

Меѓутоа, да се дефинира слобода како нешто што нема функција, е еквивалентно на тоа да се негира постоење на слобода – бидејќи, ништо не опстанува во општеството освен ако нема функција. Но луѓето во 19-иот век верувале толку многу самоуверено дека се во посед на слободата, да оваа вистина била надвор од нивниот видокруг. Владеачкото мислење на тоа време не успеало да увиди дека да се негира важност на прашањето „Како е човечката егзистенција возможна?“ значи да се негира важноста на човечката слобода. Тие, всушност, во прашањето „Како е општество возможно?“ гледале клуч на евангелието на слободата. Причината за тоа е воглавно во тоа што тоа прашање води кон социјална еднаквост. А кршењето на старите окови на нееднаквоста изгледа еквивалентно на воспоставување на слобода.

Денес, ние сме во состојба да согледаме дека деветнаесеттиот век бил во грешка. Нацизмот и комунизмот се скапа едукација – можеби поскапа отколку што можеме да си ја дозволиме. Но барем учиме дека не можеме да здобиеме слобода ако се задржиме во рамки на прашањето „Како е возможно општеството?“ Можеби е вистина дека човечката егзистенција во слобода не е возможна; тоа е, навистина, убедувањето на Хитлер и Комунистите, како и (помалку затскриено) на сите оние добронамерни „социјални инженери“ кои веруваат во социјална психологија, пропаганда, ре-едукација или администрација, како средства во вајање и формирање на индивидуата. Но барем прашањето „Како е возможна човечката егзистенција?“ не може повеќе да се смета за неважно. За оние кои тврдат дека веруваат во слобода нема поважна насока на размислување од таа која ја отвора ова прашање.

Јас не се обидувам да речам дека Кјеркегор бил единстевниот мислител низ деветнаесеттиот век кој согледал кон каде западниот свет бил воден од Русо. Тука биле Романтичарите, од кои некои (особено во Франција) насетувале што доаѓа. Тука бил јаловиот и самоубиствен бунт на Ниче (Nietzsche) – своевиден Самсон чија гигантска сила не срушила ништо друго освен него самиот. Тука бил, над сите, Балзак [4], кој анализирал општество во кое човечката егзистенција не била повеќе возможна, и кој опишал Пекол пострашен од Дантеовиот поради тоа што над него не постои дури ни Чистилиште. Но иако сите тие се прашувале како е возможна човечката егзистенција, само Кјеркегор одговарал.